Магда и Симон по 52 години брак се венчаа на манифестацијата „Македонска етно венчавка“

Магда и Симон Пивковски од село Могила се зетот и невестата што се венчаа по сите адети на манифестацијата Македонска етно венчавка што викендов беше организирана во општина Новаци. Со оваа манифестација заврши културното лето во оваа општина.

Со зурли и тапани и со сите адети, во рамки на „Македонската етно венчавка“  што традиционално се организира во општина Новаци  се венчаа Магда и Симон Пивковски од село Могила. По 52 години брачен живот   парот  Пивковски одлучи својот брак да го круниса со венчавка со сите адети од нашата традиција. На овој начин им се исполни нивната долгодишна желба да стапат и црковен брак, кој во сплет од различни околности не можеле да го реализираат во моментот кога стапиле во граѓански брак Венчавката се реализира  во црквата Св. Атанасиј во Новаци.

Во рамките на манифестацијата се одржа и „Ревија на македонски народни носии” на која учествуваа претставници од повеќе региони во Македонија кои што ги претставија своите специфични обележја на носиите од своите краеви.

Годинава манифестацијата беше збогатена и со гастрономски натпревар на тема „Подготовка и сервирање на маса за свадба” на кој  беа претставени традиционални и автентични јадења со кои се претставува богатата ризница и богатото културно наследство за регонот на Пелагонија и Република Македонија .

На манифестацијата учествува КУД Новаци и повеќе културно уметнички друштва од регионот кои ја збогатија  програмата.

Покровител на манифестацијата е градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски а носител на манифестацијата е „Центарот за едукација и негување на традицијата и фолклор „ЕТНО ИЛИНДЕН ” Битола , и „Центар за обука и примена” Битола.

Со оваа манифестација заврши богатото културно лето во општина Новаци што го организира Културно иновативниот клуб Новаци.

Сподели