Каролина, Калиопи, Елена… Македонските ѕвезди со емотивни пораки за непреболениот Тоше Проески

Вчера изминаа 10 години од кобната сообраќајна несреќа во Хрватска каде згасна животот на нашиот ангел Тоше Проески.

Во своите 26 години живот, талентираниот пејач со својот милозвучен глас, скромноста, шармот, добрината и хуманоста успеа да допре до срцата на милиони лица.

Славни личности и блиски пријатели на неповторливиот пејач му оддадоа почит со емотивни пораки исполнети со неверување дека измина една деценија од неговата смрт.

Каролина Гочева, која со Тоше ја сними песната „Немир“, на Facebook напиша: „И после 10 години болката е иста, а Тоше секој ден фали сè повеќе… но, со сè што остави зад себе, тој секогаш ќе биде тука“. Таа ја објави песната „Илузија“ од Тоше, додавајќи дека ѝ била најдрага песна од тоа време.

Елена Ристеска на Instagram објави фотографија на која носи маичка со натпис „Miss You T…“ и сподели еден од разговорите со Тоше.

Е: Како се замислуваш себеси после 10 години?

Т: Хмм.. веројатно со дечиња и сопруга на прво место, па и успешна кариера.. сакам да го завршам и факултетот…

Еден од многуте наши разговори… А сега после 10 години уште сум во неверување дека те нема и нема да ја прифатам реалноста како и за татко ми… така ми е полесно…

По долго боледување, Елена го изгуби својот татко минатата година.

Калиопи објави фотографија од Тоше и постави дел од текстот на песната „Unforgettable“ што во превод значи „Незаборавен“.

Дури и политичарите не го заборавија овој ден. Премиерот Зоран Заев напиша: „10 години без Тоше и 10 години со празнина во нашите срца. Се сеќаваме на миленикот на сите граѓани во Република Македонија и во регионот, на амбасадорот на добрата волја на УНИЦЕФ, човекот со добра душа.“

„Останаа неговите песни во нашата меморија на кои секогаш со љубов им се навраќаме.“

Тоше, ти си ѕвезда која вечно ќе сјае на нашето небо.

Извор – http://www.femina.mk/

Сподели