Италија: 200 милиони евра од влезници за музеи и археолошки наоѓалишта

Музеите и археолошките наоѓалишта во Италија во 2017 година привлекоа повеќе од 50 милиони посетители, а министерот за културно наследство и уметност Дарио Франческини вели дека вредноста на продадените влезници достигнала вредност од скоро 200 милиони евра.

Според статистичките податоци, петте најпосетени споменици на културата во Италија се: Колосеумот (над 7 милиони посетители), Помпеја (3,4 милиони), Уфици (2,2 милиони). Галерија Академија во Фиренца (1,6 милиони) и Ангелската тврдина во Рим (1,1 милиони), додека Лацио, Кампанија и Тоскана се трите најпосетувани региони.

Франческини нагласи дека бројот на посетители во изминатите четири години пораснал а 12 милиони, а приходите се зголемиле за 70 милиони. Во споредба со 2016 година, забележано е зголемување од 5 милиони посетители, а заработката од продажба на влезници е зголемена за 20 милиони евра.

Меѓутоа, овие позитивни финансиски резултати не влијаат на петицијата против реформите на Франческини, што на 3 јануари ја потпишаа 80 кустоси, историчари на уметност и академици.

„Водени исклучиво од заработка, во културни простори се организираат венчавки, гозби, матурски прослави и разни изложби што немаат никаква врска со историјата на тој простор. Темелна грешка е што се тврди дека се заработува за културно добро. Парите се заработуваат со туризам бидејќи посетителите ги привлекуваат историските и природните богатства и атракции“, велат потписниците на петицијата.

Сподели