Големи протести во Каталонија, бурна есен во Шпанија

На Шпанија и претстои бурна есен, стотици илјади Каталонци денеска ќе излезат на протести за одржување референдум за независност, а шпанската Влада се обидува на сите начини да го спречи отцепувањето, пишува „Дојче веле“.

Како што се додава, активистите на најголемата каталонска платформа за независност „Асемблеа нациоанл Каталана“ имаат полни раце работа. На сите страни се продаваат маици и шарени беџови со натписот „Си“ (да), како и реквизити за денешните големи протести, кои ќе се одржат на каталонскиот национален празник Диада.

„Дојче веле“ наведува дека од 2012 година досега стотици илјади граѓани протестираат, барајќи независност на Каталонија. Оваа година демонстрантите ќе се соберат на двете централни улици во Барселона кои се вкрстуваат и на тој начин го симболизираат големиот изборен „Х“.

Годинешниот собир е целосно во знак на планираниот референдум. Шпанската автономна област на 1 октомври сака да одлучи за своја независност на референдум, кој Уставниот суд во Мадрид во брза постапка го оцени како нелегален.

И покрај жестокото спротивставување на опозицијата и шпанската Влада, каталонскиот Парламент минатата среда го усвои законот неопходен за одржување референдум.

– Тоа беше голем момент. Се наоѓаме пред големи промени и утврдуваме нов правец на нашата иднина. Политичарите конечно беа во служба на народот, истакна Жауме Ангери, кој за себе и неговата сопруга купил маици.

„Дојче веле“ пишува дека расположението е добро меѓу заговорниците на референдум, и покрај кризата во земјата предизвикана од расправата за независност, но и покрај последиците кои им се закануваат на политички неодговорните. Шпанското Јавно обвинителство со помош на полицијата настојува да ги спречи подготовките за референдум и се заканува со тужби за непослушност, злоупотреба на службената положба и трошење на јавни средства. За тоа во Шпанија се предвидени казни.

Сепак, каталонската влада не отстапува.

– На цунами од тужби и судски процеси ќе одговориме со цунами од демократија, изјави каталонскиот премиер Карлос Пуџдемон по тешките зборови кои пристигнаа од Мадрид.

Сепаратистите сметаат дека Мадрид политички не ги сфаќа доволно сериозно.

На каталонската телевизија и понатаму се емитуваат спотови кои повикуваат на гласање за референдумот, а подготовките продолжуваат. За 24 часа, колку што поминаа од усвојувањето на законот до неговата суспензија од страна на Уставниот суд, се пријавиле околу 16.000 доброволци. Поддршка на каталонскиот премиер му дале 560 општини кои се подготвени да го спроведат референдумот, иако поради тоа би можеле да бидат кривично гонети.

– Да се спречи на 1 октомври да се отворат гласачките места и да се постават гласачките кутии е речиси невозможно, оценува правникот Ханиер Арбос. Тој додава дека „шпанските безбедносни сили во таков случај на денот на референдумот навистина ќе мора да го спречат пристапот до избирачките места и да ги конфискуваат кутиите“.

– Тоа би била грозна слика пред целиот свет, што Шпанија секако настојува да ја избегне, верува Арбос.

Германскиот медиум нагласува дека експерти се сомневаат во правната одржливост на референдумот, кој се повикува на правото на народот на самоопределување. Според воспоставената пракса, тоа исклучиво се однесува на поранешната колонија, односно на луѓето кои се потчинети поради својата етничка припадност. Како еднострано гласање надвор од правните рамки, овој референдум не ги исполнува условите кои ги пропишува Венецијанската комисија.

Каталонската регионална влада, меѓутоа, не ја загрижуваат правните проблеми. Таа најави дека во случај референдумот да помине добро, два дена подоцна ќе прогласи независност, а притоа е свесна за тежината која ја имаат меѓународните реакции.

Сподели