ФК Пелистер пак во финансиска криза?

Фудбалерите на Пелистер на оригинален начин го започнаа натпреварот против Скопје. Веднаш по судискиот свиреж кој означи почеток на превенствениот натпревар во рамките на четвртото коло од ПМФЛ, Пелистерци испоседнаа на тревата  во знак на протест за неисплатените плати и други додатоци што управата им ги должи. По петнаесетина секунди, играчите го започнаа натпреварот кој заврши без голови, а нивниот потег присутните на стадионот под Тумбе кафе го поздравија со овации.

Од ФК Пелистер велат дека потегот на фудбалерите го разбираат, но негираат дека на повидок е нова финансиска криза во клубот. Обврските што управата ги има кон играчите ќе бидат сервисирани во најкратко време, велат извори на Телевизија Орбис во Пелистер.

Протестот на играчите заради неисплатени плати и други обврски кон нив, инаку, не е ништо ново во фудбалскиот клуб кој во последните неколку години промени неколку сопственици. Минатата година во октомври за нов претседател на клубот беше избран Цветан Панделевски, сопственик на Пелистерка. И тој тогаш најави голем проект за враќање на Пелистер на старите патеки.

Со новото раководство на чело, Пелистерци го освоија Купот на Македонија, играа и во Лига Европа, но последниот потег на фудбалерите открива дека старите проблеми во колективот сеуште не се на безбедна дистанца. Минатата година во јули, фудбалерите се жалеа на неисплатени плати за неколку месеци. Во март, пак, истата година, градоначалникот на Битола, Владимир Талески, потсети дека локалната самоуправа вложува огромни средства во клубот кој нема обврска да го спонзорира.

Околу Фудбалскиот клуб Пелистер долго време копјата ги кршат и локалните политичари. И покрај тоа, советниците во Советот на Општина Битола, речиси без исклучок едногласно давале поддршка за предлозите што значат развој на спортскиот клуб. Сепак, и по толку промени во сопственичката структура, впечаток е дека состојбата во ФК Пелистер се променила само од … смрзната во газирана.

Сподели