Евробарометар: Македонците со најмала доверба во полицијата

 Граѓаните на Македонија имаат најмала доверба во полицијата меѓу сите членки на ЕУ и државите кандидати за членство, покажува истражувањето на Евробарометар.

Доверба во полицијата имаат 34 проценти од Македонците, додека 61 отсто не и веруваат. Најголема доверба во полицијата имаат Финците 95 отсто, Данците 93 и Швеѓаните 87.

По Македонија, најмала доверба во полицијата има во Словачка 43 проценти, во Бугарија 44, Црна Гора 47 и во Србија 48 проценти.

Македонците имаат најмала доверба и во војската. Речиси 51 отсто од испитаниците кажале дека имаат доверба во војската, а 41 отсто немаат.

Најголема доверба и во националните армии повторно имаат Финците 95 отсто, а потоа Данците и Французите со 88 отсто.

Генерално во ЕУ, доверба во војската имаат 75 отсто од граѓаните, 19 отсто немаат доверба, а шест отсто се без став за ова прашање, покажуваат податоците на Евробарометар, што ги пренесуваат Ал џезира и Балтиктајмс.

Истражувањето на Евробарометар е спроведено во мај годинава и се направени споредби со истражувањето од ноември лани, период во кој се случија повеќе настани на политичката сцена во Македонија. Кај граѓаните на Македонија, поради политичката криза и насилствата во Собранието на 27 април е забележан значителен пад на довербата во полицијата за седум отсто, додека довербата во војската паднала за два проценти.

Сподели