ДИК и лани си делел бонуси од 4.000 евра за незавршена работа,30.000 евра потрошиле за репрезентација…

Минатата година Државната изборна комисија, согласно со Пржинскиот договор постигнат меѓу четирите најголеми партии, уште пред да почнат да работат на  прочистување на  списокот на гласачи,   во јуни 2016 година, си поделиле награда меѓу   3.000 и 4.000 евра по член. Тогаш овие податоци лесно излегуваа од Министерство за финансии, бидејќи сегашната владејачка, тогаш опозициска СДСМ, имаше свој заменик-министер, па податоците излегуваа во јавност и без да ги бараат новинарите.

Покрај овој надоместок, членовите за ДИК секој месец добиваат редовна плата, што се движи околу 70.000 денари. Од тогашното раководство од Министерство за финансии, исто така го лиферуваа и податокот дека  членовите на ДИК потрошиле 30.000 евра за репрезентација, односно за јадење и пиење.

Колку за споредба, на членовите на подрачните одделенија на ДИК, кои ја завршија најголемиот дел од теренската работа за прочистувањето на Избирачкиот список, бидејќи ги правеа контролите по домовите и ги внесуваа добиените податоци во системот, исплатен им е надоместок од само 10.000 денари.

Овие надоместоци се исплатени без ДИК да донесе правилник за исплата и посебен акт, што е спротивно на Избирачкиот закон.

30.000 евра за репрезентација односно за јадење и пиење, во локалното бифе, но и во реномирани кафеани низ земјава, во 2016 година биле потрошени за половина година.

Членовите на ДИК користат патни трошоци исто како и пратениците. По скандалот за Силвана Бонева и нејзините патни трошоци како пратеник, беше обелоденето дека таа за секој ден дојден на работа добива 100 евра за патни трошоци или околу 9.700 денари Овие пари таа ги инкасираше од декември 2015 до јуни 2016, кога беше објавено и кога таа, како и сега со скандалот со поделените бонуси во висина на цела плата, вети дека ќе ги врати парите.

За бензин 5.528 евра или околу 1.500 евра месечно од стапување на функција, тогаш наплатил и експертот Атанас Урумов. Тој е гевгеличанец, но и за него се шпекулираше дека има изнајмено стан во Скопје, исто како и за Бонева дека престојува кај синовите кои имаат станови во главниот град.

Сега, на барањето на ЦИВИЛ да добие податоци за сите овие ставки на трошење на ДИК; одговорот бил дека тоа се тајни податоци кои не можат да бидат јавно објавувани.

Сподели