Дефиле на Широк Сокак по повод денот на лицата со посебни потреби

 

Традиционално денот на лицата со посебни потреби во Битола се одбележа со дефиле по Широк  Сокак. Симболично со пуштање на балони во разни бои на небото настанот потсетува на проблемите на лицата со посебни потреби кои треба да се прифатат како рамноправни членови на заедницата, со сите граѓански права и човекови слободи.

Симболично со пуштање на балони во различни бои во небото,  денес во Битола се одбележа Денот на лицата со посебни потреби. Традиционално  и денес се одржа дефиле по Широк Сокак на кое учествуваа ученици од сите основни  училишта во градот. Одбележувањето го организираше општина Битола во соработка со Здружението за хуманитарни дејности Лајонс Клуб „Кабадаја“.

Дефилето секоја година се одржува во соработка  со Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот Кочо Рацин Битола со својата симболика и порака потсетувајќи на проблемите на лицата со посебни потреби со своевиден апел и барање на јавноста да се запознае, а општеството да се обврзе, дека лицата со посебни потреби да се прифатат како рамноправни членови на заедницата, со сите граѓански права и човекови слободи.

„Ние не треба само во еден ден од годината да посветиме внимание на овие состојби“ изјави градоначалникот на Битола Наташа Петровска.

Директорката  на заводот Кочо Рацин Маре Стојменовска Мицевска најави дека деновиве ќе отворат сензорна соба која е многу важна за рехабилитацијата на штитениците во овој завод

Оваа година  настанот има меѓународен карактер со  учество на деца од Домот за ученици со оштетен слух 11 мај од Јагодина  Србија. Директорката на овој дом Драгана Ковачевиќ     најави формирање Западна балканска мрежа за училишта кои се занимаваат со деца кои имаат посебни потреби.

„Меѓународната соработка ни е многу битна , тоа е размена на добра пракса, размена на искуства , различен методолошки  пристап. Да не ве потсетувам дека до скоро бевме една држава каде заедно работевме. И еве сега повторно  работиме и можам да кажам дека во најава е  формирање на Западна балканска  мрежа за училишта кои се занимаваат со деца кои имаат посебни потреби “.

Штитениците од овој дом ја изведоа претставата „Поинаку будни“ после што следуваше заедничка меѓусебна дружба во битолскиот театар.

 

 

 

 

 

Сподели