Анкета на „Телма“ и МЦМС: Речиси 59 проценти од граѓаните задоволни од работата на Владата во првите 100 дена

Речиси 59 проценти од граѓаните на Република Македонија се задоволни од работата на Владата во првите 100 дена, покажува најновата анкета на телевизија „Телма“ и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Анкетата била спроведена телефонски од М-Проспект од 4 до 11 септември на репрезентативен примерок од 1.005 испитаници.

На прашањето „Колку сте задоволни од работата на Владата во првите 100 дена“, 58,9 проценти од испитаниците одговориле дека се задоволни, 43,9 дека не се задоволни и 6,2 проценти дека не знаат или одбиле да одговорат.

На прашањето „На која од следниве области Владата посветува најмногу внимание“, 38,5 проценти ја посочиле „надворешната политика“, 7,7 отсто „социјалната заштита“, 7,4 проценти „зголемување на работни места“, 4,4 отсто „економски развој“, 3,2 проценти „образование“, а 20 отсто од испитаниците избрале „друго“.

На прашањето „На која област треба најмногу внимание да посвети Владата“, 34,2 проценти одговориле „зголемување на работните места“, 18,4 отсто „економски развој“, 10,4 проценти „здравство“, 8,6 отсто „надворешна политика“, 7,4 проценти „социјална заштита“, а 17,2 отсто од анкетираните рекле „друго“.

Ова е петта анкета на „Телма“ и МЦМС кои претходно спроведоа две анкети пред и две по предвремените парламентарни избори во декември 2016 година.

Сподели