Ахтисари: Потребно е посредување за кризата околу Каталонија

Поранешниот фински претседател и некогашен посредник во преговорите за статусот на Косово, Марти Ахтисари, ја повика шпанската Влада да му дозволи на разрешениот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон да учествува на предвремените избори во декември и оцени дека за „решавање на каталонската криза е потребно меѓународно посредување“.

На средба на Нордискиот совет во Хелсинки, Ахтисари оцени дека Каталонците „направиле глупост“ со едностраното прогласување независност, но дека и Шпанците реагирале „премногу бурно“.

– Потребно е посредување. Не знам дали можат да се вклучат ЕУ или ОН, но не треба да се дозволи ситуацијата да излезе од контрла, истакна Ахтисари.

Ахтисари во 2008 година ја доби Нобеловата награда за мир поради „повеќедецениското ангажирање и посредување во воспоставувањето на мирот и решавањето на конфликти на повеќе континанти“.

Апелот на Ахтисари да му се дозволи на Пуџдемон да учествува на изборите доаѓа откако шпанскиот Врховен суд им одреди притвор на неколкумина каталонски лидери и распиша европска потерница по разрешениот претседател на каталонската регионална Влада и четворица членови на неговиот Кабинет, кои се наоѓаат во Белгија.

Според извори во Судот, притворените каталонски лидери би можеле да останат во притвор и до две години пред почетокот на судењето под обвинение за бунт, поттикнување на бунт, злоупотреба на јавни фондови и прекршување на довербата. Тоа би значело дека тие, вклучитечно и Пуџдемон не ќе може да учествуваат на предвремените парламентарни избори во регионот, закажани за 21 декември.

Мадрид досега во неклку наврати ги одби предлозите на каталонските лидери за посредување на ЕУ или некоја друга земја во напорите за надминување на кризата околу Каталонија.

Пуџдемон и дел од членовите на неговата разрешена Влада допатуваа во Белгија, откако Мадрид го активираше членот 155 од Уставот на Шпанија, со што ја укина автономијата на Каталонија и воведе директна управа над регионот.

Сподели