Споменикот на Александар Турунџев пристигна во дворот на Општина Битола

Александар Турунџев пристигна во Општина Битола. Три метри висок, 500 килограми тежок, од бронза, со пушка во рацете го краси дворот на седиштето на битолската локална самоуправа. Каде и кога ќе биде поставен споменикот на познатиот илинденски војвода, засега никој не знае. Последната локација која се споменуваше, беше кружниот тек што треба да се гради кај ветеринарното, но по протестите на жителите од околните згради, проектот е испратен на ревизија. Од Општина Битола единствено потврдуваат дека конкурсот за избор на скулптор бил повторен двапати и на крај изборот паднал на решението што го понудил Ѓорѓи Димовски. За споменикот од општинската каса предвидено е да се издвојат 28.000 евра.

Инаку, споменикот на војводата Александар Турунџев доцни со реализацијата како и повеќето проекти предвидени во изборната програма на градоначалникот Владимир Талески од 2013 – та година. На крајот на вториот мандат на актуелната локална власт, односно во 2012 година Советот на Општина Битола усвои амбициозна програма за одбележување значајни настани и истакнати личности со која беше предвидено збогатување на културно – споменичното милје на градот со седум споменици, исто толку спомен плочи и двојно повеќе спомен бисти. Меѓу првите споменици кои ги најави Талески во август 2012 година, беше и споменикот на Александар Турунџев.

На средбата со новинари, на која Телевизија Орбис денес повторно не беше поканета, Градоначалникот Талески открил дека в понеделник претставници на жителите на зградите кај ветеринарната станица и Општина Битола, ќе одржат состанок во обид да најдат решение за изградба на кружниот тек и поставување на споменикот на Александар Турунџев, напиша на својата Фејсбук страница битолскиот градоначалник.

Дворот на Општина Битола беше попатна станица и за споменикот на Филип Втори, кој беше поставен на Плоштадот Магнолија во јуни 2011 година. Македонскиот крал помина неколку месеци сокриен во гаражите на општината и на крајот беше поставен на плоштадот во раните утрински часови.

Сподели