Битола – температурно најекстремен град во земјава

589

Со измерени -22 степени, Битола синоќа беше најстуден град во земјава, а така беше и вчера и неколку денови наназад. И за вечерва метеоролозите најавуваат ниски температури, а според мерењата, Битола е температурно најекстремниот град во земјава.

Ништо од долго најавуваното и очекувано затоплување на времето, за кое синоптичарите предвидуваа дека ќе стартува од денес. Според најновите информации од Управата за хидрометеоролошки работи, затоплување не очекува дури во петок, а Битола и натаму останува најладен град во земјава во однос на минималните температури.

Деновиве, во поголем дел на Македонија па и на Балканот, се регистрираат доста ниски минимални температури на воздухот кои се спуштаат до -20 степени Целзиусови. Меѓутоа, такви ниски температури не се некоја невообичаена појава и се јавуваат речиси секоја година, најчесто во месец јануари или февруари, вели професорот Ивица Милевски од природно математичкиот факултет во Скопје. Всушност, од кога се мерат температурите во нашата држава, забележани се дури и многу пониски вредности. Така, на 27 јануари во 1954 година, во Берово е забележана температура од -31,5 степени, а на истиот датум, во Битола се измерени -29,5 степени. Тоа се апсолутно најниските досега измерени температури на воздухот во Македонија. Причина за така ниските температури на овие две мерни места се надморските височини на Берово (820 м) и Битола (590 м), како и релјефната конфигурација околу нив во вид на добро „заградени“ котлини, со планини од повеќе страни. На тој начин, спуштањето на околниот ладен планински воздух кон пониските делови (депресии), слабата ветровитост поради природните препреки и ладниот снежен покривач, условуваат застојување, „заезерување“ и подолготрајно разладување на воздухот до многу ниски вредности. Прилеп, иако е на само 40 км од Битола, нема толку изразени ниски температури, а минимумот е „само“ -23,6 степени.

Инаку, поради сличните, претходно наведени природни причини, Битола е град со многу ниски температури преку зима, но во летниот период може да има екстремно високи температури од над 40 степени.  Така, Битола е температурно „најекстремен“ град во земјава, со измерени -31 степен во зима и 41,2 степени во лето, односно амплитудата меѓу зимските и летните температури е 72,2 степени.

Сподели