Новиот снег отсече неколку мариовски села

263

И покрај сериозните проблеми при расчистувањето на снежните наноси заради ниските температури кои во делови се спуштиле и под – 27 степени, Општинскиот кризен штаб Новаци досега успеа да оспособи за сообраќај најголем дел од патиштата, вели Стефче Стевановски, член на штабот. Критична останува состојбата во неколку мариовски села до кои механизацијата на Македонија пат и Јавното комунално претпријатие Пела хигиена треба да пристигне до крајот на денов.

Во битката со снежните наноси Општина Могила сама се снаоѓа. Екипи на тамошното јавно комунално претпријатие и фирмата ангажирана за одржување на патиштата во зимски услови ги чистат и улиците во надлежност на локалната самоуправа и патиштата во надлежност на Македонија пат.

 

Јавното комунално претпријатие Нискоградба освен улиците во Битола, ги одржува и патиштата кон околните населени места. Дежурни екипи дејствуваат 24 часа од три пункта и засега ја одржуваат состојбата под контрола, вели директорот Кире Крстевски.

 

Ситуацијата во Ресен е генерално добра. Нема нови врнежи од снег со исклучок на Долна Преспа, односно потегот од с. Сливница до Маркова нога и с. Долно Дупени.

 

Вториот снежен бран зимава најмногу снег донесе во беровскиот регион. Во Малешевскиот регион  утрово има нова снежна покривка од 15 сантиметри. Заради новиот снег од синоќа до пладнево затворени за сообраќај на тешки товарни возила беа превоите Ѓавато и Плетвар.

Сподели