Чести дефекти на РЕК Битола и покрај скапата ревитализација на комбинатот

110

Големи реакции во јавноста деновиве предизвика интервентниот увоз на електрична енергија, како и падот на третиот блок од РЕК Битола. Од ЕЛЕМ преку соопштение денес информираат дека „Сите расположливи капацитети за производство на електрична на АД ЕЛЕМ се ставени во погон, а дел од количините преку редовна постапка за набавка на електрична енергија кои компанијата редовно ги објавува на својата веб страна  се обезбедени на слободниот пазар во согласност со постојните правила и процедури усвоени од  Регулаторната комисија за енергетика. И понатаму внимателно се следи потрошувачката на електрична енергија и се прилагодува производството од домашните капацитети во согласност со потребите на потрошувачите на регулираниот пазар.АД ЕЛЕМ повторува  дека набавката на електрична енергија што се врши во овој период нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство кои се на регулираниот пазар за електрична енергија, затоа што негативните финансиски импликации во целост се нивелирани со додадената вредност од продажбата на вишоци на електрична енергија што АД ЕЛЕМ ја реализираше во ноември и декември, како и од вишоците што компанијата ќе ги реализира во наредниот период.  Средствата за таа намена АД ЕЛЕМ во целост ги обезбеди од сопственото работење. “

Сепак, познавачите на состојбите во енергетскиот сектор велат дека е нејасно како има нови хаварии во РЕК Битола, а неодамна компанијата спроведе масовен проект за ревитализација и модернизација на овој рударско-енергетски комбинат.Како што пишува еМагазин, во август 2012 година беше најавено дека животниот век на најголемиот енергетски капацитет во Македонија РЕК Битола ќе се продолжи за 20-тина години со ревитализацијата и модернизацијата на блокот 2 и блокот 3 во ТЕ Битола што требаше да се спроведе во наредните две години. Тоа требаше да го овозможи Договорoт за гаранција меѓу Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Дојче банка и Договорот за заем меѓу АД ЕЛЕМ и Дојче Банка за проектот „Модернизација на блок 2 и блок 3 во ТЕ Битола“ што во Скопје го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Влатко Чингоски и Мајкл Зипф, заменик-претседател на Дојче банк.Со Договорот за заем Дојче банка им додели кредит од 49,232 милиони евра на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), за што како гарант се јавува Република Македонија преку Договорот за издавање на државна гаранција.

Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, односно 12 години со каматна  стапка од 6 месечен ЕУРОИБОР плус 1,675 што во моментов изнесува 2,26 проценти. Заемот де поделен на два дела од кои 22,4 милиони евра се за модернизација на блок 3, а 22 за блок 2. Главните придобивки кои се очекуваа од оваа инвестиција беа продолжување на животниот век на котлите за најмалку уште 120.000 часови или 20 години нормална експлоатација на ТЕ Битола, зголемување на ефикасноста на котлите, намалување на потрошувачката на гориво и намалување на емисијата на азотните оксиди и задоволување на критериумите за максимално дозволени емисии во ТЕ, односно усоглaсеност  со најновите директиви на ЕУ.Во таа прилика одговорните во ЕЛЕМ најавија дека со реализација на оваа инвестиција ќе се овозможи непречена работа на РЕК Битола и после 2016 година.

Сподели