Кој прв ќе игра танго со Груевски?

121

Мал маневарски простор му останува на мандатарот Никола Груевски за составување на нова влада. Единствените кои засега се изјаснија дека ќе влезат во комуникација со ВМРО-ДПМНЕ се ДУИ.

Портпаролот на партијата Бујар Османи вели дека се уште не почнале преговори, а на прашањето дали ќе ја прифатат поканата, одговара кратко – ќе разговараме. Двете други страни, потписници на платформата, Алијансата за Албанците и Беса веднаш се изјаснија дека нема да преговараат со Груевски.

Според Беким Кадриу, професор на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет, Груевски нема голема можност да формирање на влада и покрај тоа што би почнале преговори со ДУИ со кои заедно имаат 61 пратеник, точно колку за мнозинство. Кадриу смета дека Ахмети ќе инсистира на точките од заедничката платформа со Алијансата за Албанците и Беса и на крај преговорите нема да бидат успешни.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска нема одговор на прашањето со кого преговараат за формирање на влада, дали само со ДУИ или и со другите партии и дали евентуално размислуваат да ги поканат во владата и СДСМ. Од оваа партија единствено денеска стаса информација дека ќе имаат средба со коалициските партнери.

Oд коалицијата на СДСМ велат дека оваа опција е тешко возможна бидејќи има договор меѓу коалициските партнери да не се влегува во влада со Груевски.

Професор Никола Дујовски од Универзитетот Свети Климент Охридски не ја отфрла можноста Ахмети и Груевски да се договорат за влада, но посочува на можна опција не сите пратеници од ДУИ да ја поддржат новата влада. Во таков случај, можно е,оценува тој во мнозинството да се приклучат и двајцата пратеници од ДПА, која засега е молчелива за можните комбинации.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го доби мандатот за формирање нова влада и тоа е единствената сигурна работа во моментов, сѐ друго се шпекулации, нагаѓања и очекувања, но никој не знае како ќе се одвиваат работите, велат дипломатски извори за МКД.мк.

Што доколку Груевски не успее да состави влада? Тогаш не е исклучено уште некое „изненадување“ од претседателот на државата Ѓорге Иванов, додаваат дипломатите.

„Кој може да гарантира дека Иванов потоа мандатот нема да му го даде на другиот Никола од ВМРО-ДПМНЕ, па на третиот Никола од партијата“, вели нашиот соговорник и додава дека сѐ би било во рок.

Тие ги оставаат отворени сите можности и комбинации за формирање на нова влада, но велат дека нема ништо да коментираат, зашто засега сѐ се одвива во законските рокови, и доделувањето на мандатот и составувањето на владата за што Груевски веројатно ќе го користи до крај времето што му стои на располагање.

Од вчера почна да тече 20 дневниот уставен рок до кој мандатарот треба на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Ако во тој период Груевски не успее да формира мнозинство, дел уставни експерти посочуваат дека мандатот треба да му се даде на претседателот на СДСМ Зоран Заев, чија партија освои 49 пратеници. Во тој случај партиите на Албанците треба да седнат на разговори со опозицијата, која засега не се изјаснува за платформата со која излегоа ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците.

Оценките се дека потешко може да оди преговарањето на СДСМ со досегашниот владин партнер на Груевски, Ахмети, бидејќи и нивни функционери беа опфатени во опозициските бомби.

Сподели