Писмото на Македонија до Дедо Мраз

3024
Santa Claus with checklist, portrait, close-up

Драг Дедо Мраз,

Се викам Македонија. Имам 25 години. Не сум мажена, а имам многу деца. Верувал или не, околу милион и половина во домот во кој сега живеам и уште барем толку низ разни земји во светот. Знам дека ова ти звучи малку чудно, но честопати за мене велат : Македонија, ти си навистина чудна. Пардон, … чудесна.

Размислував многу драг Дедо Мраз кои подароци да ми ги оставиш под елката за Нова година. Онаа златната, високата во главната соба, сета облечена во златна боја, како одраз на раскошот во кој живеат поголемиот дел од моите деца. Но, пред да побарам нешто од тебе, сакам да ти раскажам два – три збора за мене, претпоставувам си презафатен, па можеби не си ме слушнал или видел, иако како топ модел често ме емитуваат на светски познатите телевизиски канали, како Си – ен – ен на пример.

Имам големи проблеми Дедо Мраз кои не знам дали ти, како најдобар и најисполнителен дедо на светот можеш да ги решиш. Но, јас еве ќе ти раскажам за барем дел од нив. Па, ти одлучи каде можеш да “ставиш рака”. И онака се сум пробала.

Отсекогаш сум сакала да патувам на запад. И децата ми се цврсто решени дека сакаат да одат таму, ама еве веќе осум години никако не ми даваат да си купам билет. Да не грешам душа, ама мислам дека за се е виновна мојата комшивка Елада. Живее веднаш до мене, а ме гледа како душман. Нејзините деца доаѓаат, си играат со моите, моите секое лето одат на одмор кај неа, ама не знам што ѓавол влегол во жената, па не ме остава на мира. Знам, можеби и јас сум малку виновна за лошиот однос што го имаме. Понекогаш претерувам со украсите во главната соба, некогаш и ќе и дофрлам нешто од балконот додека таа игра со другарките од Европа, ама што да правам. Имам бурен темперамент, но добра душа. Затоа, една од моите желби е да се смирам со Елада, па можеби ќе добијам конечно билет за Запад. Таму сакам да се доедуцирам. Штотуку завршив и магистерски и докторски студии. Ги зедов наеднаш. Така тоа бива со мене сега, откако се променив во собата образование. Некои велат сум многу вредна зошто полека – полека чистам се и во другите соби – социјала, здравство, енергетика, корупција, криминал, ама јас не им придавам големо значење на коментарите. Си терам по свое, макар и не била секогаш во право. Кога сум веќе кај децата, морам да ти признаам Дедо Мраз дека тие ми се една од најголемите грижи. Многу се раскарани во последно време. Една игра не може да ја истераат до крај. Понекогаш толку многу се расправаат, што ми се чини дека ќе се убијат меѓу себе. Јас како мајка, тоа не можам да го гледам, па најчесто ги затворам очите, со надеж дека бурата ќе помине. Некогаш проаѓа, а некогаш на помош ни доаѓаат комшии и пријатели, ама не бива таа работа секогаш некој друг да ми ги решава проблемите дома. Затоа, те молам ако можеш, под елката остави ми малку разум и трпение за моите деца. Ако ти остане нешто по новогодишниот шопинг, остави и некој денар. Само внимавај те молам да не те види некој оти на децата и пријателите им велам дека немам никакви финансиски проблеми. Но, … јас си знам.

Драг Дедо Мраз, тоа се моите најголеми желби за 2017 – та година. Да ми се живи и здрави децата, да се среќни, весели и радосни, паметни, убави и дотерани, а не како што ме озборуваат некои низ населбата – моите деца биле несреќни, некултурни и во депресија. Мене дај ми здравје да можам да издржам и чувај оти сама девојка колку може да се заштити. Се надевам следната година ќе се дружам повеќе со НАТЕТО, таа ме прави некако посигурна.

Ти благодарам Дедо Мраз за трпението. Господ нека те чува тебе и твоите ирваси, а мене нека ме чуваат и Бог и Алах оти еве ближам накај 30 – тата година, а никако некој да тропне на врата и да ме побара. За жена или љубовница, сеедно.

 

Сподели