КОЛКУ СМЕ ХУМАНИ?!

54
Има ли нешто поубаво од чувството да се помогне некому и да се направи среќен? Колку луѓето сакаат да помагаат и да бидат хумани кон оние на кои помош им е најпотребна? Хуманоста е најчовечната особина, доблест што ја немаат сите . Тоа е карактеристика  што ја имаат луѓето  со големо срце полно со љубов. Поединци што несебично  ја даруваат својата љубов и им помагаат на оние на кои име најпотребно.
Во изминатиов период  сведоци сме на низа хуманитарни активности што се организираа во нашата држава. Поплавите што се случија во Пелагониско како и оние во Стајковци, како и  штетите што се направија, уште ги паметиме.  И тогаш се виде хуманоста кај граѓаните на дело. И не само од Македонија туку  и пошироко. И не попусто е кажано дека во мака се гледаат пријателите. И тогаш кога некој се соочува со некој проблем на виделина излегува хуманоста. Сеедно дали станува збор за некоја природна катастрофа, болест или друг проблем со кој се соочуваат поединци или пак поширока група на луѓе кои што имаат потреба од помош.
Секој потекнува од  различна средина , со различни  потреби и карактери и живее различен социјален живот.
Но колку сме хумани? Ова прашање  по којзнае кој пат повторно се актуелизира. Во пресрет на новогодишните  и божикните празници започна да се шири тренд  низ општините во Македонија да се откажуваат новогодишните прослави на плоштадите, а средствата да се искористат во хумани цели.  
Општина Велес прва ја сподели оваа идеја за по нејзиниот пример да продолжат   и други општини во Скопје. На оваа хумана мисија се приклучи и општина Битола.  Еден милион денари  наместо за дочек на Нова година, огномет и коктел ќе бидат пренаменети во хумани цели. Многу мина оваа идеја ја поздравија. Добро е да се потрошат парите за нешто што на некој ќе му се подобри квалитетот на живеење.
Но исто  така ги има и оние негативни критики. Ова оттаму што празниците се тие кои ја зголемуваат радоста, оптимизмот, надежта.  Организираните прослави и новогодишни дочеци на плоштад стана традиција што се негува години наназад и граѓаните се навикнаа и предвреме прашуваа: кој ќе не забавува на плоштад за најлудата ноќ? Оваа традиција  започна  по примерот на големите светски метрополи. Наместо во домашен амбиент или во некоја кафеана  дочекот на Нова Година на плоштад многу мина го прифатија. За жал оваа година ќе нема организиран дочек и граѓаните ќе треба да бидат иновативни и креативни  и да ја дочекат Новата година  поинаку. Ќе мора да се задоволат само со новогодишните украси. За воља на вистината и за тоа се потрошени големи суми. Не се сетија порано инаку и тие можеби немаше да се потрошат. А ако се прават пошироки анализи и ако сака некој да биде хуман, можеше хуманоста да се покаже поразлично и во друг момент. Парите секогаш може да се пренаменат за нешто друго, но како да се донесе вистинска одлука  за што , можеби е најтешката одлука или пак е потребна само добра воља. Но велат дека големината на хуманоста не е во зборовите туку во делата. За некој е малку, а можеби некому она малку е многу.  Големината на хуманоста може да ја оценат само оние на кои им е најпотребна, а најхумани се оние што не ги бројат своите дела. Овде е одговорот на прашањето колку сме хумани.  Македонците знаат да бидат хумани.  И сите оние што останаа разочарани што овој пат нема да има организиран дочек на плоштадот Магнолија  ќе им биде душата помирна ако помошта стигне во вистински раце, на оние кому му е најпотребна, а за журките и веселбите ќе ги има и во иднина.
Сподели