Црна статистика – бела иднина?

666

Отворањето на РЕК Битола во 1980 година, кога започна ископувањето на јаловината, претставуваше еден од најголемите добробити за градот Битола, но и за производство на електрична енергија на државно ниво. Во 1982 година, започна производството на електричната енергија од првиот блок. Оваа термоцентрала е правена по руски терк, така што и за време на нејзината изградба, постоела физибилити студија за користење на топлината од трите парни кули. Сепак, според познавачите на приликите, тогаш се одлучило да не се преземе паралелен чекор за топлификација, со оглед на фактот дека во 17-те километри цевковод од РЕК до Битола би се губела топлинската енергија и дополнително би бил потребен голем број пумпи. Така, 35 години топлинската енергија од РЕК бегала во неповрат. Последниве години, темата топлификација стана многу актуелна, минатата година стигна новото задолжување за негова реализација. Ако тогашната физибилити студија сеуште се вртела низ архивите на РЕК Битола, прашање е колкав дел од неа е искористен за новиот проект наречен Топлификација, за кој повторно се потрошени средства во однос на изготвувањето на новата физибилити студија.

Се поставува друго прашање,  што ако пред 35 години паралелно Битола добиеше топлификација. Дали денес Битола ќе беше почист град, без одредени загадувања и дали статистички, од заболените над 2000 од рак во изминатите години, а дел од нив и починати, ќе можеа да се спасат? Дали освен ПМ 10 честичките од кои секојдневно се плашиме, постои нешто друго, помалку познато, или пак премолчено од кое уште повеќе треба да се плашиме?

Во Економската проценка на ефектите по човековото здравје и живот од македонските термоелектрани, чии автори се Еко-свест во соработка со Неда Коруновска и Мајк Холанд, а соработници Јулиа Хушер и Александра Бујароска, издадена минатата година, се истакнува дека во лигнитот од рудниците Суводол и Брод-Гнеотино сулфурот варира од 0,65%-0,80%.

Просекот на емисии на сулфур диоксид (ЕЛЕМ, 2007) се движи од 2725 – 3090 mg/m3 и е 6 до 7 пати над границата од 400 mg/m3 додека просекот на емисии на прашина (ЕЛЕМ, 2007) од 365 – 440mg/m3 е 7-8 пати над дозволената граница12. Термоелектраната произведува 150 тони летечка пепел и 5 тони јаловина дневно, која содржи силикати и тешки метали, вклучувајќи и соединенија на ураниум, кои се одлагаат во голем депозитар13 во близина на постројката. (UNEP, 2000). Во однос на здравјето, во истата проценка се вели дека според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје, децата на училишна возраст кои живеат блиску до индустриската зона во Битола имаат поголема зачестеност на бронхитис (заради изложеноста на загаден воздух) од децата кои живеат во релативно чистиот дел на градот, Нова Битола (EAA, 2008). Податоци од Институтот за јавно здравје јасно укажуваат дека респираторните болести меѓу децата се најчести во Кичево и Битола и тие се три пати повеќе од државниот просек. Во 2011 год. нивото на загадување со ситни честички беше главна причина за 485 нови случаи на хроничен бронхитис и 770 болнички престои. Штетните ефекти врз здравјето на вработените во термоелектраната во Битола се добро документирани. Студијата на UNEPE од 2000 год. укажува дека менаџментот утврдил дека 250 рудари и 150 вработени во постројката имаат хронични заболувања поврзани со работата. Исто така е утврдена и намалена функција на белите дробови на жителите на селата во близина на постројката, за разлика од оние кои живеат подалеку. Тешки метали, вклучително и соединенија на ураниум, од депозитарот за летечка пепел најверојатно ја загадуваат почвата и подземните води. Студијата укажува дека постојат индикации дека горниот аквифер истекува во блиската река. Низводно од реката постојат бунари кои локалното население ги користи за вода за пиење и наводнување на почвата. За жал, Македонија ја има петтата најголема стапка на смртност во Европа од загадување на воздухот од ситни честички, стои во студијата, каде што се наведува дека РЕК Битола и РЕК Осломеј се „одговорни“ за 5 104 изгубени години на живот на годишно на ниво, или 476 предвремени смртни случаи годишно, а со намалувањето на загадувањето од двете термоелектрани, односно сведување на емисиите под дозволените гранични емисии, на годишно ниво би се „спасиле“ 434 предвремени случаи на смрт. Во неколку наврати се обидовме да добиеме податоци од одделението за онкологија при Клиничка болница Битола. Од таму, молк за новозаболените од рак, или пак за вкупната бројка на заболени во Битола. Драматичните податоци за загаденоста во земјава беа потврдени на Научната конференција за аерозагадување, која пред некој ден се одржа во Скопје. Анализите на примероци мов во Битолско имаат ураниум, како последица од неконтролираното загадување, покажале долгогодишните истражувања на професорот на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов. „Над 10 милиони тони јаглен се согорува во РЕК ’Битола‘, од кои 10 отсто е пепел која не се третира никако, туку останува на отворено. Ветерот ја разнесува со километри наоколу, а преполна е со кадмиум и арсен и она што многу загрижува, има и радиоактивни елементи“, посочува тој.

Дали после сите овие поразителни податоци, барем некој има одговор на прашањето: Има ли свесност за превентивни мерки, краткорочни и долгорочни, со кои барем малку ќе се намали бројот на изгубени човечки животи, како последица од загадениот воздух во Битола?

Сподели