Сицилија го разбуди вулканот Илија Несторовски

129
Pernici, Jorgani, Перници , Јоргани

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски долго ќе ја памети 2016 година, убедливо најдобра во неговата кариера, а особено е впечатлив неговиот голгетерски учинок и во Интер Запрешиќ и посебно во Палермо.

Годината ја почна на феноменален начин, а првиот дел го круниса со 13 погодоци во Интер Запрешиќ. Клуб во кој блесна и во кој остави траен печат во трите сезони што ги мина таму. Ефектот од 69 погодоци во 90 настапи во ХНЛ лигата е импресивен и не остана незабележан од клубовите од Топ-5 првенствата во Европа. Маурицио Зампарини, првиот човек на Палермо беше најбрз и најконкретен и за само 500 илјади евра доби џек-пот.

ЕКСПРЕСНО ИСЧЕЗНА „НЕСТОР-КОЈ“, СЕГА ВО ПАЛЕРМО Е „НЕСТОР-ГОЛ“

Навивачите се прашуваа кој е Илија Несторовски, со коментари дека во Палермо играа расни стрелци од калибарот на Кавани, Тони, Џилардино, Миколи, Дибала, Пасторе, Карачоло… Очекувањата беа големи, притисокот на плеќите на Несторовски уште поголеми, но тој одговори на импресивен начин. Со голови и со феноменални настапи набрзо го избриша прашањето „Нестор-кој”, па темпераментните навивачи на клубот од Сицилија му се поклонуваат со скандирање „Нестор-гол”.

Го напушти Интер со 9 гола по ред, а продолжи во ист ритам и во новиот клуб. Илија беше стрелец на првиот меч што го одигра од почеток, против Кротоне и потоа следеше фуриозно гол-шоу од 8 погодоци на 12 меча.

Ги фрли навивачите на Палермо во транс. Во Серија А се почесто во суперлативи се разговара за македонскиот шпиц. Во Калчото, големиот Џиџи Буфон и гранитната одбрана на Јувентус не дозволи серија од шест меча со погодок за Несторовски, но Илија не им прости во Скопје, во националниот дрес. Против истиот голман и речиси истата одбрана, постигна гол во неверојатно добар меч што Италија го доби со 3:2 против Македонија. Во поголемиот дел од есенската полусезона речиси сам го држеше Палермо да не потоне потполно на дното од табелата.

По 14. кола во Серија А речиси и да немаше меч на кој беше стартер за Палермо, а да не се запише во листата на стрелците. Дека не се само головите негов голем адут, покажа и со асистенциите против Џенова. Го одликува неверојатно чувство за гол, дрскост, борбеност и добра техника. Симпатизерите на Палермо експресно ги зафати Нестор-манија, а и Серија А ретко памети ваков блесок на фудбалер кој ја игра дебитантската сезона во Италија. Го нарекува „Свети Илија”, „Несторовски спасителот”, „Несторовски и останатите”. Признание за одличните игри стаса и од клубот. Претседателот Зампарини најави дека наскоро 26-годишниот Македонец ќе биде капитен на Палермо, но прашање е дали ќе успее да го задржи.

 

ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА ЗА ПЕТ МЕСЕЦИ СТАНАА ПЕТ, А МОЖЕБИ И ДЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА

Полни 5 месеци откако го одигра првиот меч за Палермо (на 12. август во италијанскиот куп) цената на Илија рапидно порасна. Зампарини за него му плати половина милион евра на Интер Запрешиќ, а сега на трансфер пазарот велат дека вреди најмалку 5 милиони евра. Можеби и 10, бидејќи има само 26 години и во континуитет покажува дека многу вреди. Зампарини честопати вели дека Нестор-гол е богатството на клубот и дека не е за продажба, но тешко дека ќе може да одолее на понудите на поголемите клубови. Заинтересирани има многу, Наполи беше конкретен со повик кон Палермо директно од врвот, од Аурелио Де Лаурентис и Севилја не остана имуна на одличните игри на македонскиот репрезентативец, а со почетокот на зимскиот период се почесто ќе се редат понуди за ангажман на Несторовски.

Извор : sportmedia.mk

Сподели