Сплотеност на битолскиот универзитет

116

Битолскиот универзитет Св. Климент Охридски работи на методи и методологии кои што ќе обезбедат читање на нивото на квалитетот, преку кои всушност ќе се согледува до каде е нивото на образование. Според  ректорот на битолската високообразовна институција, проф. д-р Сашо Коруновски, не треба да се работи само на едукативниот момент, туку треба да се најде баланс и да се измери  нивото на квалитет. Во таа насока универзитетот работи на подготовка на правила и правилници кои што се важни за да одредат квалитет.  Ова е особено важно во насоката на подобрување на рангирањето на битолскиот универзитет, кој според различните квалифицирања, се најде на петтото место во државата.

Рангирањата помалку или повеќе носат одредени неправди, преку кои и битолскиот универзитет според многумина незаслужено се наоѓа на петтото место како високо образовна институција во земјава. Но, според првиот човек на универзитетот, треба да се направи добра анализа на тоа кои се причините за таквото рангирање и да се отстранат аномалиите, бидејќи е факт дека во одредени работи битолскиот универзитет е подобар, но во одредени и полош од останатите. Самобендисаноста не е таа која води напред и затоа и се подготвува стратегија, според која точно ќе се знае патот по кој ќе се движи битолскиот универзитет.

Во таа насока, од еден поинаков агол, забележливи се мали, но значајни промени во начинот на работата на факултетските единици при УКЛО, за што посведочија голем број награди кои годинава ги освоија дел од нивните студенти. Во рамките на одбележувањето на 1100 години од упокојувањето на патронот на универзитетот „Св. Климент Охридски“, изработена е проект „По патеките на Св. Климент“, преку кој се мапирани местата во Охридско-Струшкиот регион, поврзани со одреден престој или делување на Св. Климент. На овој начин се зголемува и туристичката понуда, која понатаму е предвидено да се прошири како апликација, преку која сите заинтересирани ќе можат да бидат дел и да го почувствуваат духот на делување и живеење на оваа значајна личност од македонската историја.

Според последните активности на битолскиот универзитет, не навлегувајќи во тековните и редовни работни задачи, се потврдува вредноста на универзитетот како значајна алка во синџирот на македонското образование. Секоја чест на новосоздадените универзитети, но, време е на второ формираниот  универзитет во земјава, по скопскиот Св. Кирил и Методиј, да му се даде вистинската тежина и значење од надлежните институции. Ниту второ рангираниот и форсиран Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, ниту пак четврто рангираниот Универзитет за информатички науки и технологии „Св. апостол Павле“ – Охрид, ја немаат институционалната и меѓународно призната активност како што тоа го има битолскиот универзитет.

Сподели