Политички “наддавања” за подобра иднина

366

Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е речиси иста како онаа во 2014 година. Поголемиот дел од проектите се препишани и во новата програма само е пролонгиран рокот за нивното остварување. Така на пример, иако првично изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица требало да заврши во 2016, сега рокот е наредната година. Модернизацијата на електронската наплата, иако требало да заврши во 2015, сега е предвидена за 2018. Но, токму во инфраструктурата има и нови проекти како изградбата на три подземни сообраќајници во Скопје и реконструкција на голем број патишта, а најавени се и нови странски инвестиции.

Како и на ВМРО-ДПМНЕ, така и на СДСМ, програмата за изборите во 2014 година е помала за разлика од новата програма во која има дополнителни скоро 150 страници. Опозициската партија сега наместо три, нуди пет столба, но целта е иста – создавање на бројна и стабилна средна класа. Новина е тоа што СДСМ посочува и проекти за како власта да биде одговорна. Во однос на инфраструктурата ги имаат истите проекти насловени „Македонија мегалополис“ и „Македонија без кал“.

Во однос на другите планови, програмите на двете најголеми партии се слични. За персоналниот данок на доход и тогаш и сега кај СДСМ се нудат две стапки – за сиромашни и богати. ВМРО – ДПМНЕ, пак, продолжува да го преферира рамниот данок. И едната и другата партија ветуваат различна минимална плата од онаа што во моментов ја има во земјава. ВМРО – ДПМНЕ ветува и повисоки плати за администрацијата и повисоки пензии – ветувања кои за многумина се чинат нереални ако се имаат во предвид стравувањата од презадолженост на земјата.

Освен големите проекти кои планираат да ги спроведат партиите доколку победат на изборите и ја добијат довербата на граѓаните, во нивните програми може да се забележат и мали „креативни идеи“. Тие не се болдирани, не е ставен акцентот врз нив, но се наоѓаат на листата на партиските планови, бидејќи некој донел одлука дека се доволно важни. ВМРО-ДПМНЕ, на пример, со цел да ја збогати туристичката програма ќе изгради голф терени во Зелениково и Дојран, во градинките, пак, децата ќе одгледуваат овошје и зеленчук, МВР ќе користи дронови при извршување на полициските работи, а граѓаните ќе имаат можност да тренираат и со специјалните единици.

СДСМ, пак, ќе воведе социјална дебитна картичка со која ќе се докажува дека некој е корисник на услугата, ќе изгради населби специјално за пензионери, ќе има правобранител за сè и сешто – од кредитен, енергетски до воен правобранител, а ќе го надминеле и деценискиот проблем со злоупотреба и суровост врз коњите во урбани средини.

Што се однесува до Битола, ВМРО – ДПМНЕ ветува изградба на спортски комплекс кај касарната, изградба на планинарскиот дом Копанки, нова опрема во болницата и реконструкција на нејзината внатрешност, пат со четири ленти до граничниот премин Меџитлија и конечна изградба на железницата до Кременица, реконструкција на Хотелот Молика, гасификација, дигитализација на библиотечниот фонд на градската и универзитетска библиотека, реконструкција и осветлување на Центарот за култура и театарот.

СДСМ, пак, за Битола ветува Медицински, Стоматолошки и Фармацевтски факултет во рамките на битолскиот универзитет, реконструкцијата на делницата кон Охрид, довршување на пругата кон Битола, нов универзитетски кампус, реновирање на фудбалскиот стадион, нов Клинички центар, автопат до Прилеп и Велес, продолжување на работниот век на РЕК Битола и воведување најсовремени еколошки стандарди во неговото работење.

И една и другата политичка партија предвидуваат милионски суми за најпривлечните проекти за граѓаните, но ниту една не кажува како ќе ги обезбеди средствата во државниот буџет или по која каматна стапка ќе бидат кредитирани од домашни или странски кредитори. Како по обичај, политичките лидери оставаат впечаток дека ветувањата ќе ги реализираат со пари од дома, а не со парите на сите нас.

Сподели