Шеќеринска VS. Милошоски – втор дел

181
Pernici, Jorgani, Перници , Јоргани

Тешка и грда изборна кампања која ќе се фокусира на оцрнување на политичкиот противник, очекуваат аналитичарите во очи нејзиниот официјален почеток. Ветувањата за граѓаните мака ќе мачат да допрат до гласачите, пред тоа да го сторат лавината обвинувања на политичкиот противник. Заради фактот што политичката криза во земјата предолго трае, а најголемите политички партии постојано се во своевидна кампања, официјалниот почеток на изборната трка треба само да го отвори патот за рекламни пораки и закупени простори во кои црната боја ќе преовладува.

Битола како дел од Изборната единица 5, за овие предвремени парламентарни избори ќе има чест да посведочи на нов дуел помеѓу старите политички ривали – Антонио Милошоски и Радмила Шеќеринска. И едниот и другиот родум од други места. По скоро две децении, Шеќеринска и Милошоски ќе имаат можност да го продолжат дуелот започнат далечната 1997 година, во чиј фокус тогаш беа студентските протести и политичката состојба во земјава. Тогаш младата Шеќеринска сакаше да се претстави на јавноста како нетипичен политичар, а Милошоски, пак, тврдеше дека без разлика на неговото членство во ВМРО – ДПМНЕ, тој ја задржал индивидуалност. И не можеме да им замериме. Тогаш сеуште беа деца. А, Битола тогаш беше штотуку уништена од аферата ТАТ.

Дваесет години подоцна, Шеќеринска и Милошоски се дел од сениорските постави на своите политички партии. Освен што додале по некое килце, сигурно дека и еволуирале во своите настапи. Младешкиот ентузијазам сигурно многупати бил жртва на компромисите кои обезбедиле непречен тек на нивната политичка кариера во матичните партии.

Битола, пак, по дваесет години од нивниот дуел за студентските протести, ги дочекува овие двајца политичари со Универзитет кој е петторангиран според Шангајската листа. Го претекнаа новопечени високо – образовни установи без соодветни програми и наставно – научен кадар. Градот кој некогаш важеше за втор по големина во Македонија, со години користи убава шминка под чиј сјај се крие монотонија, апатија и безсперспективност. И уште пред да започне новата изборна кампања, битолчани знаат дека и овојпат ќе слушаат за пропаднатата Штедилница ТАТ, небаре двете најголемите политички партии досега немаа шанса да направат исчекор во оваа трагедија за Битола. Ќе се зборува и за РЕК Битола, за бонбоната на Шеќеринска ЕСМ, за топлификацијата на Пелагонија и шансата младите да се вратат.

Како и сите избори досега, партиите најавија изборни програми испишани со раката на граѓаните. Ако малку повеќе и повнимателно ги слушаа граѓаните што имаа да кажат и досега, изборните платформи, на која и да е политичка партија, не само што ќе беа одамна готови, туку во нив ќе имаше се, само не едни те исти обвинувања и подметнувања.
Ќе имаат ли Шеќеринска и Милошоски одговор за проблемот со загадувањето во Битола? Знаат ли како да му стават крај на иселувањето од градот, последниот период дури и од семејства кои релативно добро се ситуирани? Ќе понудат ли нивните политички партии начини да се подигне квалитетот на живот на битолчани? Ќе бидат ли искрени во ветувањата за нови патишта, базен, туристички комплекс на Пелистер? Ќе овозможат ли вработувања кои ќе значат стабилна и достоинствена егзистенција? Ќе објаснат ли зошто поголемиот дел од нивните досегашни ветувања или ги прегази времето или машинеријата која работи во Скопје и Источна Македонија? Без квалитетни, реални и остварливи одговори за проблемите на битолчани, и двајцата подобро нека не доаѓаат наваму, нека останат во Скопје, центарот на нивните политички кариери и на пропаста кон која сигурно се движи Битола.

Нека простат останатите политички партии и носители на кандидатски листи за пратеници во Изборната единица 5 што не беа предмет на опсервација во овој текст. Да бидеме реални – ниту тие имаат машинерија потребна да се изборат со двата мастодонти на политичката сцена, ниту граѓаните досега имаа храброст да им кажат “не” на проверените политички манипулатори. Евентуално изненадување на 11 декември ќе биде повод за некое следно пишување.

Сподели