Колку Битола ќе се развива?!

225

На последната 58 седница на Советот на Општина Битола, беше донесена програмата за развојни планови во Општина Битола за периодот од 2017 до 2019 година. Со оваа Програма се уредуваат изворите на средствата и наменското трошење на истите согласно законските прописи кои ја регулираат оваа материја. Таа треба да започне со реализација во 2017 година, а опфатените планови треба да се реализираат заклучно со 2019 година.

Планираните средства на оваа тригодишна  развојна програма изнесуваат 538.282.890,00 денари, или нешто повеќе од 8,5 милиони евра. За првата 2017 година е предвидена највисока сума од речиси 200 милиони денари и тоа за изградба и реконструкција на улици и локални патишта  околу 40 милиони денари, за изградба на систем за одведување и пречистување на отпадни води, за изградба на систем за водоснабдување и изградба на јавно осветление. Во ставката културно творештво и манифестации како капитални трошоци за 2017 година се предвидени 8.365.877 денари за киното Манаки, кое првично според најавите требаше да биде готово во 2014 година. За уредување на простор во руралните средини, предвидени се 1.569.200 денари, само во 2017 година.

За 2018 година предвидени се 154.717.263 денари, од кои 31 милион денари се насочени за изградба и реконструкција на улици и локални патишта. За 2019 година се определуваат 184.072.118 денари  од буџетот на Општина Битола, распределени за различни дејности.

За спорт и рекреација, односно реконструкција на други објекти како капитални трошоци, предвидени се најголем број средства и тоа првите две години околу 100 милиони денари, а третата 2019 година, за спортски објекти од буџетот се предвидени речиси 133 милиони денари. Така, за спортски објекти, без да се прецизира дали станува збор само за стадионот, се одвојува повеќе од половина од предвидената сума за развој, со што општината најавува будење од зимскиот сон кога станува збор за спортот. Планираните средства за реализација на проектот „Реконструкција на стадионот под  Тумбе кафе“ се намалуваат за 390.694.909 ден. бидејќи во наредниот тригодишен период Општина Битола ќе пристапи кон изградба на северната трибина од стадионот под Тумбе кафе. Планираните средства за  „Реконструкција на дел од улица „Владимир Назор“ со изградба на кружен тек кај бензинската пумпа „Лук Оил“ нема да се реализираат  бидејќи овој кружен ќе се реализира со средства од Влада на РМ. Расходите за  изградба и реконструкција  на улици, изградба на системи за одведување и прочистување на отпадни води, изградба на системи за водоснабдување, изградба на јавно осветлување,  изградбата на киното,  реконструкција на стадионот и изградбата на други објекти ќе се извршуваат согласно динамиката на приливот на средствата. Динамиката на реализацијата, со утврдување на приоритет за реализација ја утврдува градоначалникот и Комисијата за јавни и комунални дејности, а ја реализира Одделението за комунални дејности и уредување на градежното земјиште при Секторот за урбанизам, просторно планирање и заштита на животната средина, комуналните дејности и уредување на градежното земјиште на Општина Битола.

Опозицијата реагираше дека во овие развојни планови ги нема проектите на градоначалникот Талески од предизборната програма во 2013 година, кои беа предвидени да се реализираат до крајот на мандатот во 2017 година, меѓу кои топлификацијата на Битола, гасификацијата, подземните гаражи, хотелскиот комплекс Ниже Поле, проектот Битола филмски град, инфраструктурата во старата касарна, за која е земен и кредит, како и пругата до грчка граница.  На нивно место се наоѓаат имагинарни и вечни проекти како што е стадионот под Тумбе кафе, истакнаа од опозицијата.

На битолчани не им преостанува ништо друго, освен да чекаат Битола да се развива. Да се надеваме дека ќе дочекаат.

 

Сподели