Магијата на  изборната кампања

 

Не чекаат уште едни избори. Тече втората недела од изборната кампања за претстојните  локални избори. Започна магијата која треба да помогне граѓаните да се одлучат кому да го дадат својот глас кој во идниот период навистина ќе направи ако не нешто друго да потрае оваа магија што сега се чувствува.

Кандидатите секој со своја агенда и еден куп активности. Насмеани и пријателски расположени се поздравуваат со сите и имаат време да ги ислушаат  граѓаните  за проблемите што ги мачат, за кои се разбира имаат решение , ама тоа ќе биде по изборите.  Подготвени се дури да направат нешто што досега не им било навика. Возат „ точаци“ ,  куглаат, а ќе се напијат и кафе на Широк Сокак , демек се дружат со младите. И во оваа изборна кампања ги има посетите по домовите. Не се изоставени и руралните средини, но кога се таму, по примерот со точаците и спортот нека земат една мотика, еднаш да копнат, па да знаат каква е маката земјоделците.  Би сакала да ги видам и после изборите како одат со „точаци“ на своите работни места, па да бидат покренувачи на добри идеи и пример за сите граѓани. И после изборите да ги посетуваат граѓаните по нивните домови. До сега никој тоа не го направил.

Но кога почнале така, можеби е добро да испланираат еден ден да го поминат исто онака, како што го поминуваат социјалните случаи на кои денот им е година не знаејќи како да си го прехранат семејството. Да одат на некој од шалтерите од државните институции и да извадат еден документ и да почувствуваат како функционира едно шалтерскиот систем. Еден ден да потрошат низ ходниците во здравствените установи и да видат со кои проблеми се соочуваат и пациентите и здравствените работници. И не само ова треба да поминат секаде и секого да го ислушаат затоа што медалот има две страни, а вистината е една.

Ако „магијата“ е доволна „силна“  кандидатите ќе успеат  во тоа. Тие  немаат волшебно стапче за преку ноќ да ги средат сите проблеми кои се таложат од сегашноста и поблиското и далечно минато.

На 15 октомври волшебното стапче ќе биде во раката на граѓаните, а тогаш ќе треба чиста совест и добра проценка , кој е тој,  што без волшебно стапче ќе им ги реши проблемите.

Затоа што едно се ветувањата а друго е реалноста. Граѓаните се изнаслушаа за реформи во сите области од живеењето, но реформите никако да стигнат до резултати, се заглавиле некаде во „реформскиот избор“ на фотељите. А изборите можеби некому ќе донесат фотеља, за што ќе треба добро да изработи и да ги реши проблемите на граѓаните.

Ќе успеат ли новите состави да го подобрат животот на битолчани. Во минатиов период сведоци сме дека бројни инвестиции беа реализирани во Скопје. И навистина го направија метропола со многу можности, па не е никакво чудо што младите заминуваат таму.

Скопје доби нова опера, аква парк, театар музеј, жичара. Битолчани го имаат Пелистер но никако да стигнат инвестициите до него и да се почувствуваат бенефитите што би произлегле од тоа. Киното Манаки  конечно се изгради но никако да профункционира. За опера битолчани само ќе сонуваат, освен ако дојде некој да гостува во Центарот за култура , кој за сега е единствен што на битолчани им овозможува  културни настани. Битолчани знаат да направат избор на ова поле. Но сега ќе треба да направат избор кој ќе успее да им го подобри животот во градот на конзулите, каде конзулите се само бројка или пак градот на клавирите. Можеби ова обележје го има на еден кружен тек . но битолчани сакаат да се средат и влезовите на градот кои се половично изградени, а  беа ветувани во  претходниот состав на локалната власт.

Затворениот базен пак остана само ветување на хартија како и многу други ветувања меѓу кои и она за катни гаражи. Проблемот со недостиг на паркинзи и сообраќајниот хаос останува да го решаваат идните состави.

Загадувањето на воздухот е посебна приказна за чие решавање никаква  „магија“ нема да помогне, туку реализацијата на  конкретни мерки.

Фудбалскиот стадион под тумбе кафе е уште едно ветување, кое додека се реализира , ќе нема кој да го користи. А ако не им се помогне и на стопанствениците  , тогаш ќе нема новите кандидати кому да го подобруваат животот, освен на оние што не може да заминат , затоа што младите тешко може да се убедат да останат во градот , кој место град на културата го нарекуваат слепо црево. Ќе биде ли доволно силна предизборната магија, да ја смени состојбата и наместо кладилници и аптеки ќе има простор каде младите ќе може да ја изразат својата креативност, простор каде битолчани ќе може да ги реализираат своите соништа, токму овде, во родната Битола , а не некаде по белиот свет. Ќе биде ли доволно силна магијата  или повторно се ќе сон и лага?

Дали сонот ќе стане јаве ќе зависи од волшебното стапче што овој пат е во рацете на народот, во рацете на гласачите.

 

 

 

 

Сподели