Советник по мерка на граѓаните или по мерка на градоначалникот?

Советник по мерка на граѓаните или на градоначалникот? Граѓаните на 15 октомври по шести пат откако државата е независна, ќе ги изберат своите претставници, кои во следните четири години ќе имаат задача да им ги решат секојдневните проблеми – темница пред влезот, хаварисано возило на паркингот, кал на улицата до најблиската продавница, автобус за Света Недела … во недела. Вработување за себе или некој близок можеби е најпосакувана услуга, но за неа треба да се помине по навистина долг пат, низ тесен кревет или секако партиска книшка. Околностите во кои живее Битола последнава деценија ги наметнаа и потребите за здив чист воздух, слободно место во градинка, слободен кревет во Сју рајдер, спортска сала во основното училиште каде учат нашите деца. Не мора да е со трибини. Сето тоа советниците во градското собрание имаат можност да им го дадат на своите сограѓани доколу одлучат да бидат нивни, а не слуги на своите партиски шефови или на градоначалникот. Има ли такви?

Впечаток е дека во досегашниот живот на локалната самоуправа во Битола, ретки биле примерите на советници кои им фатиле око на јавноста. Најчесто, мнозинството советници се во длабока сенка на градоначалничката силна фигура. За жал, најчесто по своја волја, бидејќи советничкото место во многу случаи било логична последица на партискиот ангажман. Тоа е можност на партијата да се оддолжи некому со народни пари наместо да го плати од сопствената каса. Во таква ситуација, многу очекувано е советникот да биде вистински следбеник на партиската замисла дека градоначалникот е централната и најсветлата фигура во локалната самоуправа. Ако, пак, градоначалникот е доволно самобендисан и нарцисоиден, желен за внимание и ловорики, не дај боже глумец по професија, тогаш нема друго освен советникот да се стопи во сенката на врховниот командант седнат во градоначалничката фотелја.

Следејќи го однесувањето на поголемиот дел советници во неколку состави на Советот на Општина Битола наназад, се чини дека голем дел од нив своеволно се откажале од моќта што ја имаат во рацете да го креираат животот на граѓаните. Се сомневам дека голем дел од нив воопшто и не го прочитале Статутот на Општината за да разберат колку силна може да биде нивната улога во секојдневниот живот на граѓаните. За контролата врз материјално – финансиското работење на општинската администрација на чело со градоначалникот, да не зборуваме. Затоа веројатно во моменти на криза, прстот го вперуваат кон оној кој постојано се трудел да ги држи под контрола, правејќи се недоветни за законските импликации кои произлегле или може да прозилезат од неговото работење. Не чувствуваат ниту грижа на совест, ниту потреба да им се извинат на своите гласачи што дозволиле нивните потреби да ги заменат со партиските, нивните интереси да ги потиснат со оние на градоначалникот, народното богатство да го потрошат стоејќи во место.

Низ годините наназад на прсти се бројат народните избраници кои навистина ја заслужиле честа да претставуваат повеќе од илјада гласачи во Битола. Тоа по обичај се опозициски настроени советници. На оние од власта да не им си во кожата. Така барем тие велат. Мора да климаат со глава и кога очите им капат, да кренат два прста и кога им иде некому нога да скршат, да дат слепи пред неправдата за своите комшии, роднини, пријатели.

Досега во Советот на Општина Битола сме виделе или чуле скоро се. Советници од опозиција да се на платен список на градоначалникот, советници од власта да купат парцели во Жабени, независни советници да преминат во таборот кој повеќе дава, советници да напредуваат во кариерата оти добро ја сработиле партиската агенда. Можеби во новиот состав на Советот на Општина Битола конечно ќе видиме повеќе советници по мерка на граѓаните, советници без влакно на јазикот, со машкост која нема сексуална конотација, со желба да останат запишани на светлата страна на историјата. Локалната. Битолската.

Сподели