Митинг на ВМРО – ДПМНЕ во Битола

Коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО – ДПМНЕ синоќа одржа митинг во Битола. На присутните, меѓудругите, се обратија и носителот на кандидатската листа за советници во Советот на Општина Битола, Борче Димитровски, кандидатот за градоначалник, Зоран Илиоски и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски.

Стојам пред вас и ја очекувам вашата доверба да бидам прв меѓу еднаквите во извршувањето на најодговорната задача, да управувам со најградскиот град во Македонија, порача синоќа кандидатот за градоначалник на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски. Во десетминутното обраќање, Илиоски ги претстави уште еднаш приоритети од изборната програма, ставајќи го акцентот на младите.

Носителот на советничката листа на Коалицијата За подобра Македонија, Борче Димитровски порача дека својата долгогодишна успешна работа како директор на Центарот за култура во Битола, ќе ја преслика во Советот на општината и заедно со своите колеги ќе придонесе за развој на градот во повеќе области.

Високата политика и државните прашања и на митингот во Битола беа резервирани за лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој и во оваа прилика порача дека изборите на 15 октомври се многу повеќе од глас за градоначалнички кандидат, ги спомена и мигрантите, но по подолго време на владеачката партија и се обрати со целосниот акроним.

Проектите кои ќе значат нова ера, нов почеток за Битола, од првиот ред синоќа ги слушна и градоначалникот во заминување, Владимир Талески, а на партискиот собир се појави и поранешниот висок партиски функционер на ВМРО – ДПМНЕ, Зоран Коњановски.

Сподели