Спремете ги телефоните, пристигнуваат револуционерните 3Д селфиња

Тим од експерти од Универзитетите во Нотингем и Кингстон создадоа програма која прави 3Д мапа на човечкото лице со помош на само една фотографија. Таканареченото „3Д селфи“ се креира на тој начин што ги препознава карактеристиките на лицето, и потоа ги претвора во 3Д модел.

„Она што е навистина импресивно е што оваа технологија навистина помогна да се поедностави процесот на креирање 3Д модел на човечко лице“, рече доктор Василеос Аргиу од Факултетот за научен инженеринг и информатика на Универзитетот од Кингстон.

„Успеавме да го усовршиме системот и сега вештачката интелигенција знае самата да препозне кои делови од лицето треба да ги земе како мерка за да направи верна копија на човечкото лице. На тој начин, со ограничените податоци кои компјутерот ги добива од 2Д сликата, тој учи да ги најде деловите кои недостасуваат и креира 3Д копија од ликот кој го препознава на сликата“, додаде тој.

Екипата која работеше на овој проект користела 80.000 2Д фотографии заедно со соодветните 3Д модели, за да го „истренира“ компјутерот да ги препознае клучните карактеристики и црти на лицето.

„Оваа технологија би можела да се користи и за безбедносни намени, каде што со фотографирање на лицата би можело да се создаде 3Д слика со помош на која ќе се идентификуваат личности во толпа“, рече доктор Јоргос Кимиропулос од Универзитетот во Нотингем.

Извор – https://kajgana.com/

Сподели